28 August 2012

Porsche го прошири семејството на новиот 911

Со подготвувањето на верзиите со погон на сите четири тркала, 911 похрабро ќе зачекори во новата моделска година.

Како и кај претходната генерација на моделот, разликите во изгледот меѓу обичните и Carrera 4/4S верзиите се симболични, додека главната измена е во погонот, кој покрај задните, ги задвижува и предните тркала на спортскиот автомобил преку електронски контролираниот Porsche Traction Management систем. Освен за таа цел модифицираното ослонување, механиката остана иста - 3,4 литарски шестцилиндричен боксер со директно вбризгување, 350 KS и 350 Nm за Carrera 4 и неговата 3,8 литарска варијанта со 400 KS и 440 Nm за Carrera 4S. Сите верзии се опремени со седумстепен менувач, кој по желба може да биде и со двојна спојка. Перформансите, како што доликува на една легенда, се за почит - во зависност од верзијата, Porsche 911 Carrera 4 до 100 km/h забрзува меѓу 4,1 и 4,7 секунди, а максималната брзина изнесува од 282 до 299 km/h.
Официјалното претставување на 911 Carrera 4 и 4S, кои ќе бидат на располагање во купе и кабриолет варијанти, ќе биде на салонот на автомобилите во Париз. Во продажба ќе се најде кон крајот на годинава, по цени кои во Германија ќе се движат меѓу 97.557 и 125.046 евра.
Од претходната генерација на 911 Carrera 4, која беше претставена во 2008 година, Porsche продаде 24.000 примероци, што претставува 34% од вкупната продажба на моделот.

No comments:

Post a Comment